Филаделфија по голема драма славеше против Шарлот, Никола Јокиќ израмни рекорд на кариерата

Филаделфија по голема борба и продолженија славеше против Шарлот со 133-132 во еден од синоќешните седум натпревари во НБА лигата.

Филаделфија во третата четвртина од мечот имаше предност и од +21, но се успеа да прокоцка на крајот и да го однесе натпреварот во продолжение. Одлична партија кај домашните одигра Џоел Ембид со „дабл-дабл“ ефект од 42 поени и 18 скока. Го следеа Симонс со 22 поени и 13 скока, како и Дарио Шарич со 18 поени и 9 скока. Кај Шарлот најефикасен беше Кемба Вокер со 30 постигнати поени.

Бруклин запиша победа на гостувањето кај Денвер од 110-112. Најефикасен беше Д’Анџело Расел со 23 поени, додека на спротивната страна фантастичен беше Никола Јокиќ со 37 поени и 21 скок, и на тој начин израмнувајќи го рекордот на кариерата по бројот на скокови.

Јута на свој терен предводен од Инглс (27 поени) славеше против Селтикс со 123-115. Сакраменто беше подобар од Минесота победувајќи со 121-110, како и Детроит против Атланта (124-109). Индијана запиша победа над Мајами од 110-102, додека Вашингтон загуби на гостувањето од Орландо со 117-108.

Се вчитува...