ЕКИПА на ЕП во Хрватска,
Билјана Б.Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски
Некои веруваа уште пред почетокот на ЕП, некои се уверија по првиот круг, дека македонската репрезентација на ова ЕП во Хрватска е зрела да направи и чекор повеќе од оној зацртан пласман во вториот круг. Резултатите во првите три натпревари, првото место во групата со Германија и со Словенија и трите пренесени бода во Вараждин го докажуваат тоа.
Филип Миркуловски беше еден од оние со пооптимистички најави пред ЕП, што знаеше дека оваа и ваква Македонија е подготвена да одговори на предизвикот.
„И пред почетокот на првенството јас кажав дека сме подготвени за чекор понапред, не само да поминеме прва фаза. Тоа и го докажавме, дека имаме квалитет, имаме добар систем на работа, ги имаме нашите навивачи позади нас. Оптимизмот е секогаш тука, сега и самодовербата треба да е поголема и ако биде се како што треба, подготвени сме да одиме и чекор понапред и за полуфинале“ – вели Миркуловски.
Утрешниот дуел со Шпанија ќе биде прв чекор кон втората цел. Како првопласирани во групата во првата фаза, го имаме привилегираниот распоред со три дена пауза меѓу првата и почетокот на втората фаза. Доволно да се обноват силите и да се подготви тактиката за утрешниот прв меч против Шпанија. По рејтинг Шпанците се пред нас, но, со новиот систем со Раул на клупата и со „фалангата“ на трибини, Македонија и тоа како е опасен противник.
„Шпанија има систем, тие се познати по тоа веќе неколку години и тоа им е главниот квалитет. Може да ги одиграат сите одбрани, може да се снајдат на било каква одбрана на другата страна. Тактички се многу подготвени. Меѓутоа, ние имаме предност што ни е Раул селектор.Тие сигурно имаат максимална почит кон него. Ќе мислат дека треба да измислат нешто ново и ќе бидат снимени. Нема да им биде сеедно. Плус ќе играме пред неколку илјади Македонци. За нас одлично, за нив ќе биде тешко за играње“ – истакнуива Филип Лазаров.
Тој поради повреда на мускулот, на последниот натпревар со Германија остана на трибините, за да се избегне непотребен ризик, но подготвен е да се стави на располагање на селекторот за следните дуели во Вараждин.
„Овие три дена пауза ни дојдоа во вистински момент, да одмориме и да се подготвиме. И со сите сили одиме на победа. Со бодови против Шпанија ни се отвораат многу врати. На ова првенство не може ништо да се предвиди. Има многу изненадувања. Но, кај нас концентрација е на следниот натпревар и тоа е добро“ – вели Лазаров.
На тоа се надоврзува и Филип Миркуловски. Иако досегашниот скор во дуелите со Шпанија е 5-0 за Шпанците, сепак, овој пат во дуелот со „црвената фурија“ влегуваме со многу поголема самодоверба. Причина се добрите резултати и „шпанскиот систем“ во македонска верзија.
„Раул е тука. Тој добро ги познава играчите на Шпанија и тие добро го познаваат неговиот систем на работа. Шпанија е репрезентација од светска класа. Имаме време да се подготвиме за тој натпревар, да анализираме, да тренираме. И мислам дека добро ќе се подготвиме. Тој натпревар ќе биде чекор кон полуфинале, многу битен за нас. Како што беше Словенија во првиот круг, така сега ќе биде Шпанија, прв натпревар најбитен во Вараждин“ – вели македонскиот плејмејкер.
Натпреварот меѓу Македонија и Шпанија (утре, 20.30 ч.) е последен од првиот круг во втората фаза по кој веќе се издвојуваат репрезентациите што остануваат во игра за полуфинале и гтие што ги губат шансите. Во првите два меча од вараждинската група синоќа Германија ја победи Чешка (22-19), а Данска ги стопи надежите на Словенија (31-28).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА