Филип Ивановски, нов извршен директор на КК Пелистер

Кошаркарскиот вицешампион на Македонија, КК Пелистeр, во новата сезона ќе влезе со нова раководна структура, откако клубот доби нов генерален спонзор кој гарантира стабилност и уште поголем напредок на битолчани на организациски план

За нов извршен директор на КК Пелистер избран е Филип Ивановски, кој со голем ентузијазам влегува во новата спортска приказна. Имено, станува збор за долгогодишен ракометар, голман кој има настапувано за најголемите македонски клубови Вардар, Металург, Еурофарм Пелистер… Тој ја мина ланската сезона во тимот на Бутел, но тешката повреда на раката го принуди предвреме да ја заврши професионалната кариера.

Сепак, приврзаноста кон спортот на Ивановски е голема, па тој без многу размислување ја прифати улогата во битолскиот кошаркарски колектив.

„Битола како град заслужува врвен спорт, а КК Пелистер со резултатите во последните години покажа дека знае да носи радост меѓу битолчани. Она што ние како нова управа и јас како директор ќе настојуваме во наредниот период ќе биде кревање на клубот на едно уште повисоко ниво, пред се на организациски план. Тренерот и кошаркарите ќе треба да се насочат само кон случувањата на теренот, се останато ќе биде наша обврска, тоа е она по што сакаме Пелистер да се разликува од сите останати кошаркарски колективи. Со многу ентузијазам влегувам во оваа нова епизода, убеден дека можеме да го кренеме клубот“, изјави Ивановски за ЕКИПА.

Се вчитува...