Филип Кузмановски: Јас сум битолчанец и знам како е да се игра во Битола

Филип Кузмановски во капитенска улога денеска (19 ч.) ќе го предводи Металург на гостувањето против „неговиот“ Пелистер во Битола, во вториот натпревар од суперлигашкиот плеј-оф. Како битолчанец и „дете на Пелистер“, Кузмановски добро знае каква атмосфера го очекува Металург во салата „Младост“. Но, капитенот на Металург истакнува дека „металурзи“ се подготвени за дуелот со Пелистер и ќе се обидат и во Битола да го задржат победничкиот ритам и позитивната атмосфера по неделниот триумф против Вардар.

„Јас сум битолчанец и знам како е да се игра во Битола. И кога било тешко и кога клубот бил во криза, играчите кога ќе излезат на терен пред битолската публика, секогаш го даваат максимумот. Едноставно, таков е воздухот во салата „Младост“ која очекувам денеска да биде исполнета до последното место, бидејќи, после подолго време, Пелистер е малку подобрен во секој поглед за разлика од минатите години. Очекувам тежок и неизвесен натпревар, но со позитивен крај за нас. Кога ќе почне натпреварот нема емоции и сентименталности кон Пелистер. Битола е мој град, но јас играм за Металург и како капитен ќе настојувам максимално да ја мотивирам екипата и да ја предупредам дека нема да биде едноставно во Битола. Ако успеавме да го победивме Вардар во првото коло, во Битола ќе одиме да го потврдиме тоа. Очекувам вистинска ракометна атмосфера во реновираната сала „Младост“, фер натпревар, добро судење, па нека победи подобриот“ – вели Филип Кузмановски.

 И Металург и Пелистер во плеј–офот стартуваа со победи. „Металурзи“ ги освоија бодовите во дербито со Вардар во Автокоманда (29-26), а Пелистер славеше на гостувањето против Борец во Велес (29-33). Во денешниот дуел и едните и другите ќе настојуваат да го задржат победничкиот ритам и да останат во игра за висок пласман.

„Со секоја екипа одиме на победа и да да се надигруваме, без разлика дали играме на домашен терен или во гости. Никогаш не се предаваме и не се опуштаме предвреме, Металург има млад тим желен за докажување и мотивиран за победа со секој противник. Тоа го докажавме и во дуелот со Вардар. После тој натпревар се уверивме дека секогаш треба да веруваме во себе и во тимот, дека сме способни  за квалитетна игра. Но, натпреварот со Вардар е веќе минато и ние сме комплетно насочени кон она што не очекува во дуелот со Пелистер. Победата против Вардар можеби не става во улога на фаворити на денешниот дуел, но ние сме свесни дека играме во гости против Пелистер. Мора да останеме цврсто на земја и да ја повториме играта од неделата ако сакаме поволен резултат во Битола“ – истакнува капитенот на Металург.

Покрај Филип Кузмановски, гостин на „свој“ терен во Битола, во составот на Металург ќе биде и Стефан Дрогришки. А, на спротивната страна, во составот на Пелистер се поранешните „металурзи“ – Бојан Маџовски, Никола Маркудов, Никола Даниловски. Но, ќе изостане тренерската пресметка меѓу Касим Каменица и Лино Червар, бидејќи хрватскиот тренер денеска нема да биде на клупата не Металург. Според информациите до Автокоманда, Червар не отпатувал со екипата поради здравствени причини.

Се вчитува...