Филип Кузмановски е подготвен предвреме да ја прекине авантурата во Магдебург за да се врати назад во мак-ракометот, се со цел да го спречи големиот пад во неговата форма што е очигледен од самата преселба во Германија. Двата водечки клубови на домашната сцена, Вардар и Пелистер, покажале интерес да го доведат Македонецот во своите редови, а останува да се види дали трансфер е возможен експресно, или ќе се договара за почетокот на наредната сезона.
Кузмановски минатото лето го напушти Работник и се пресели во Магдебург, клуб каде имаше договорено трансфер уште во периодот додека го носеше дресот на Металург. Иако играше сосема солидно во текот на подготовките, македонскиот бек од стартот на сезоната во Бундес-лигата остана закован на клупата. Тренерот обелодени дека малата минутажа на Македонецот се должи на непознавањето на германски и англиски јазик, Кузмановски остана резерва до крајот на 2019 година, а премалата минутажа се одрази на неговиот настап на ЕП 2020.
Повредата на Безјак можеше да донесе поголема минутажа, но откако Магдебург експресно реагираше и го донесе Исланѓанецот Гисли Торгир Кристијансон од Кил, стана сосема јасно дека за Кузмановски нема иднина во овој клуб. Самиот ракометар е свесен дека мора што поскоро да си замине и очекува да добие зелено светло веќе во следните денови.
Враќањето назад во Македонија нема да биде проблем со оглед на фактот дека и Вардар и Пелистер се подготвени да стартуваат аукција за негов трансфер. Битолчани се подготвени да му понудат лидерска улога во тимот, нешто што го имаше и во Работник пред да се пресели во Германија. Адут на Вардар е тренерот Алушовски, кој го водеше токму Работник и успеа да го извлече најдоброто од Кузмановски во последните месеци од ланската сезона.
Останува да се види како ќе заврши оваа трка, но едно е повеќе од сигурно – Кузмановски мора што поскоро да си замине од Магдебург, каде дефинитивно не се гледа на него како на сериозна опција за настап во Бундес-лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА