ЕКИПА во Загреб,
Стеван Цаневски, Билјана Б. Петрушева, Игор Паневски
Филип Лазаров беше човекот на одлука, откако левиот бек го постигна голот за победа, одлично користејќи го просторот што му се отвори и матирајќи го голманот Скок.
„Секој треба да си ја работи својата работа – тоа е главната порака на Раул, секој играч знае што го чека и што треба да заврши со шут. Јас имав слична улога и кога вевме заедно во Вардар, таа ситуација сум ја тренирал многу пати, така што не беше тешко да се реализира. Мојот гол беше последен и се покажа победнички, но сепак морам да кажам дека тримфот ни го донесе цврстата одбрана во последните десет минути, добрата антиципација и присебноста на Џомба и на Стоилов, како и одбраната на Борко по ударот на Кавтичник со добар блок од Јоновски“ – истакна Филип Лазаров за ЕКИПА.
Тој исто така јавно им се заблагодари на навивачите за одличната поддршка што ракометарите ја добија на овој натпревар.
„Победивме многу добра репрезентација, според мене една од најдобрите пеет во Европа. Одлучија детали, но мислам дека ние за нијанса повеќе ја посакувавме победата и затоа победивме. Голема благодарност до фалангата која низ годините стана дел од нас. Едноставно, таа енергија ни ја пренесуваат секогаш кога ни е најтешко и ни помагаат да го извадиме максимумот од нас“ – изјави Филип Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА