Двете победи против Тунис и Ангола значат идеален старт за македонската репрезентација на СП и остварување на првата цел. Следно, во наредните пет дена се трите натпревари со посилните противници во групата, прво Словенија, а потоа Шпанија и Исланд. Филип Лазаров, истакнува дека Македонија е подготвена да одговори на предизвикот и да извојува барем уште една победа која сигурно обезбедува пласман во осминафиналето на СП.
„Тоа ни беше првата цел пред да дојдеме на првенството, се подготвувавме, акцентот беше на Тунис и нормално дека се надевавме на победа против Ангола. Сега ни претстојат три екстраквалитетни репрезентации каде што ќе бркаме нешто повеќе. Целта ни беше старт со две победи, сега ни претстојат три натпревари со силни репрезентации во кои Шпанија можеби малку се издвојува, меѓутоа тоа се репрезентации со кои можеме да играме. Ќе се обидеме на секој од тие натпревари да извојуваме барем уште една победа. Ќе видиме, кога ќе ни биде денот, кога ќе ни се „отвори“. Ние сме подготвени и на секој натпревар влегуваме максимално за победа. Прв ни е дуелот со Словенија. Вујо не знае, го знаеме и ние него“- истакнува Филип Лазаров.
Во првите два натпревари секој си даде свој придонес во победата, без разлика како се трошеше минутажата. Белег на мечот и победата на Македонија против Ангола, остави цепелинот на Филип Лазаров и дебитанот во националниот дрес, Мартин Поповски.
„Мислам дека сме максимално подготвени. Многу се подготвувавме за ова овде во тие дваесетина дена пред првенството и сега воопшто не размислуваме за умор, не калкулираме воопшто. Дојдовме тука да играме 6-7 натпревари и мислам дека сме подготвени за тоа, без разлика кој колку минутажа троши“ – вели Лазаров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА