ЕКИПА во Минхен,
Стеван Цаневски
Филип Лазаров е еден од најискусните во таборот на македонската репрезентација, значаен адут на Раул Гонзалес во периодите кога се игра „седум на шест“. Тој го постигна најубавиот гол на дуелот со Јапонија, по „цепелинот“ на асистенција на Кире Лазаров, но Филип е свесен дека се уште е прерано за било каква еуфорија во националниот тим.
„Не беше така лесно како што кажува резултатот, но искуството ни ги донесе тие девет гола предност. Покажавме зошто сме редовни учесници на големите натпреварувања, па Јапонците иако напредуваат во ракометот не добија можност да изненадат против нас. Задоволни сме од триумфот, но се уште е рано, нема потреба од еуфорија бидејќи најтешките натпревари допрва претстојат. Се уште ја немаме детално анализирано нашата игра, за нас како играчи најважно е како изгледаме во очите на Раул, да ги исполниме задачите што тој ни ги дава. Со Јапонија беше добро што имавме добро време за детална тактичка подготовка, тоа нема да биде случај со Бахреин, но во секој случај се надевам дека ќе одиграме нов добар натпревар и ќе стигнеме до втората победа на овој шампионат“ – истакна Филип Лазаров.
Македонија утре ја отвора програмата во „Олимпија Хале“ во Минхен, дуелот со Бахреин почнува во 14 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА