Филип Миркуловски, нов координатор на машките репрезентации на РФМ

Филип Миркуловски од денеска има нова улога – координатор на машките ракометни репрезентации на Македонија откако големиот ас по завршувањето на авантурата во Вецлар реши да се врати назад во татковината.

Миркуловски ја заврши играчката кариера во овој бундеслигаш, потоа неколку години беше и помошен тренер во Вецлар. Сепак, по заминувањето од овој клуб тој избра камбек во Македонија, прифаќајќи ја оваа нова улога кој до неодамна му припаѓаше на Влатко Тасевски, кој во меѓувреме беше промовиран во нов Генерален Секретар на РФМ.

„Моја чест и задоволство е официјално да го претставам Филип Миркуловски како координатор на сите машки репрезентации. Тој веќе е во работен однос од 1 јули, наша голема чест е да го имаме тука крај нас, тој е поранешен репрезентативец со над 170 национални настапи, има учествувано на сите големи натпреварувања за Македонија… Со сето свое искуство и знаење верувам дека може многу да придонесе, да го пренесе своето знаење на младите категории и да помогне во една позитивна насока“, изјави претседателот на РФМ, Александар Стефанов.

Миркуловски и како играч ја прекина репрезентативната пензија за да помогне на националниот тим во клучни моменти, а големиот борец сега е подготвен за новиот предизвик…

Убаво е да се видат познаци лица после неколку години. Благодарен сум на раководството на РФМ за укажаната шанса, јас сум тука како и секогаш да помогнам со моето знаење. Моја примарна цел ќе биде развојот на младинските категории, тука сум да ги искоординирам сите селектори во сите категории, да изградиме еден единствен систем и принцип на работа, од што подоцна би профитирала А-селекцијата. Прво што треба да направиме е да направиме пионерска селекција и да им дадеме предност на тие млади деца што побрзо да се воиграат, да ги стигнеме сите големи репрезентации со кои ќе се натпреваруваме во иднина. Ова е сериозен ангажман, сакам максимално да сум фокусиран на овој предизвик, јас можев да градам тренерска кариера, но се решив за овој предизвик бидејќи отсекогаш сум сакал да помогнам македонскиот ракомет уште повеќе да се развива“, истакна Миркуловски.

Се вчитува...