Филип Поповски делегат на бараж-мечот за СП меѓу Косово и Турција

Претставниците на Фудбалската федерација на Македонија во комисиите на УЕФА (судии, контролори и делегати) беа aнгажирани во текот на овој месец на меѓународната сцена што е јасен доказ дека добро ја извршуваат својата задача.

Но сигурно најтешката задача ќе ја има Филип Поповски на 31 март во Приштина каде се игра решавачки бараж натпревар за настап на Светско првенство 2026 меѓу репрезентациите на Косово и Турција. Филип Поповски ќе биде делегат на овој меч што е големо признание за него со оглед дека овој натпревар е во центарот на вниманието на љубителите на фудбалот во Европа откако Косово неочекувано ја победи Словачка во гости.

За првпат во својата куса фудбалска историја Косово доби шанса со евентуална победа против Турција да се пласира на собирот на најдобрите фудбалски репрезентации на светот. Колку е значаен овој меч покажува и податок дека судиската тројка е од Англија на чело со познатиот Мајкл Оливер, контролор на судењето од Германија, што е интересно и комесар за безбедност е од Англија.  Делегатска  функција ќе ја врши искусниот и мошне почитуван во УЕФА, Филип Поповски, кој беше и делегат на финалниот меч на последното Европско првенство во Германија меѓу Шпанија и Англија. Тој е единствен од Македонија кој имал вака висока функција добиена од УЕФА.

Во моментот двајца наши млади судии судат на турнири за настап на Европското првенство, играчи до 17 години. Влатко Илиески е во Анталија, во Турција „А“ група, каде веќе го судеше мечот Белорусија-Косово 1-0, му помагаше Александар Ѓурковски, додека Стојанче Трпчевски е во Пловдив во Бугарија каде се одржува ист таков турнир „Б“ група и на кој играат селекциите на Азербејџан, Литванија, Малта и Бугарија. Заедно со  него е и асистент судија, Дарко Видиниќ.

М.М.

Се вчитува...