Генералниот секретар на Фудбалската федерација на Македонија Филип Поповски ја продолжува успешната мисија како организационен директор на мечевите на Милан во Лигата на европските шампиони. И вечерва на најголемиот стадион во Италија „Сан Сиро“ тој од страна на УЕФА е одреден да биде организационен директор на првиот полуфинален меч во Лигата на шампионите меѓу италијанските фудбалски гиганти Милан и Интер. Тоа е уште еден доказ за организационите способности на Филип Поповски, кој ужива голем углед во Комисијата на УЕФА.
Поповски во годинашнава сезона во Лигата на шампионите им донесе многу среќа на фудбалерите на Милан бидејќи беше директор на неговите натпревари, најпрвин во квалификационата група против Салцбург, Челзи и Динамо, а потоа и во завршните натпревари до полуфиналето против Тотенхем и Наполи. На сите овие мечеви на стадионот „Сан Сиро“ Милан беше победник.
Интересно е да се напише дека и Комесарот за безбедност и интегритет во ФФМ Роберт Марковиќ му донесе многу среќа на холандскиот претставник во Конференциската лига во Европа АЗ Алкмар. Пред две недели од страна на УЕФА беше задолжен да се грижи за безбедноста на мечот меѓу Аз Алкмар и белгискиот претставник Андерлехт, беше одговорен и за неговиот натпревар меѓу Аз Алкмар и Лацио. Аз Алкмар во полуфиналето на ова натпреварување ќе игра со Вест Хем. Во оваа сезона Марковиќ се грижеше и за безбедноста на мечевите Трабзон – Базел и Феенорд – Рома.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА