Филип Поповски и Сашо Даневски дел од организацијата на ЕУРО 2024

Претставници на Фудбалската федерација на Македонија, Филип Поповски во улога на делегат на натпревари и Сашо Даневски, кондициски тренер на фудбалски судии, добија голема чест да бидат дел од организацијата на натпреварите на Европското првенство 2024 во Германија.

Филип Поповски е одреден за делегат на сите натпревари кои ќе се одиграат на Олимпискиот стадион во Берлин: Шпанија – Хрватска, Полска – Австрија, Холандија – Австрија и натпреварите од елиминациската фаза, 1/8 финале, 1/4 финале и големото финале на 14. јули 2024.

Сашо Даневски, кондицискиот тренер на фудбалски судии, веќе три седмици во Франкфурт работи со делегираните судии за Европското првенство. Нашиот Даневски, исто така, беше одговорен за следење на тренинг процесот на судиските тимови кои ја делеа правдата и на финалните натпревари од Лига на Шампиони и Лига Европа.

Ова признание и улогата која им е доделена на Филип Поповски и Сашо Даневски ја истакнува стручноста, посветеноста и професионализмот во нашата федерација. Во улога на делегати на мечевите во организација на УЕФА, нашите претставници и досега ги одржуваа највисоките стандарди на организација и ефикасност на натпреварите. Дополнително, нашите фитнес тренери работат со судиите за да се осигураат дека тие се во врвна физичка кондиција, што е клучно за одржување на брзиот и напорен карактер на турнирот.

Доверувањето на овие одговорности ја нагласува довербата што организацискиот одбор на ЕУРО 2024 и УЕФА  ја имаат во нашите способности.

„Пред се би сакал да се заблагодарам на Фудбалската федерација на Македонија за несебичната поддршка на сите оние кои ја преставуваат нашата федерација и нашта држава на големи настани како што е Европското првенство. Благодарност и до УЕФА која го препознава нашиот труд и квалитет и ни ја дава можноста да бидеме дел од ова големо натпреварување. Функцијата делегат на натпреварите на Олимпискиот стадион во Берлин е привилегија, но и многу одговорна функција која е поврзана со сите спортски аспекти на самиот стадион. Јас верувам дека ќе се покажеме во најдобро можно издание и ќе направиме простор за идни наши преставници да бидат дел од европските натпреварувања“, изјави Филип Поповски.

Се вчитува...