Филип Талески капитенски ја предводеше македонската младинска репрезентација во досега успешниот настап на Светското првенство за играчи до 21 година во Алжир. Македонија ја постигна и ја надмина првично зацртаната цел – да стигне до осминафиналето на СП. Македонските младиници успеаја да направат и чекор повеќе, играа мундијалско четвртфинале и на крај го освоија шестото место во светот што е досега најдобар пласман што го остварила било која македонска репрезентација на светските првенства.
„Задоволни сме што направивме толку голем успех на едно големо натпреварување. Сите момци заедно одработевме една многу голема работа на ова Светско првенство и тоа не е за потценување. Можевме и повеќе, но и ова е успех на кој треба да сме горди. Ова нека ни биде само показател и мотив за понатаму во кариерата“ – истакнува капитенот, Филип Талески, сумирајќи ги впечатоците од настапот и резултатот што го постигна македонската репрезентација на СП во Алжир.
Силата попушти пред уморот во вчерашниот последен натпревар за 5.место на СП во кое Македонија загуби од Унгарија, но поразот не го расипа позитивниот впечаток за комплетниот настап, играта борбеноста и пожртвуваноста што ја прикажаа младите македонски ракометари, потврдувајќи дека имаат квалитет и потенцијал и ќе бидат достојна замена за генерацијата што е веќе на залезот. За поголемиот дел од македонските репрезентативци, ова беше последно натпреварување во младинска категорија. Пред нив сега стои сениорскиот предизвик, да се наметнат и да се докажат во најсилната конкуренција.
„Се надевам дека нема тука да застанеме. Ќе имаме повторно високи цели пред нас, а со тек на време, верувам дека ќе го потврдиме квалитетот што го има оваа генерација“ – вели Талески со верба дека успешната приказна на овие македонски ракометари ќе продолжи да се надоградува и во иднина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА