Македонскиот репрезентативец во дресот на Рајн Некар Левен, Филип Талески, добро ја познава и силата на Фленсбург со кој играа пред неколку дена во Бундеслигата и силата на Вардар од претходните дуели додека го носеше дресот на Металург. Пред денешното гостување на „црвено-црните“ во „Фленс Арена“ во првиот нтпревар од четвртфиналето во Лигата на шампионите, Талески ги истакнува главите адути на кои се базира играат на Фленсбург, но верува дека Вардар ќе избори добар резултат што ќе му донесе помирен реванш и конечно, пласман на Ф4 во Келн.
„Германскиот менталитет, е најголемата сила на германските екипи, трчаат сите 60 минути, не се откажуваат до крај. Тоа е случај и со Фленсбург. Вардар е во предност што го игра реваншот на домашен терен. Но, видовме што се случи пред три години. Фленсбург победи дома со два разлика, но потоа во Скопје иако загуби, успеа да избори пласман на Фајналфор. Се надевам дека сега Вардар овде ќе направи добар резултат и дека конечно ќе се пласираат на Ф4 во Келн. Го заслужуваат тоа со оваа квалитетна екипа што ја имаат“ – истакнува Филип Талески.
Според бекот на Рајн Некар Левен, победникот во овој дуел ќе го реши одбраната и формата на голманите на двете страни.
„Мислам дека голманите и одбраната ќе имаат клучна улога. Вардар загуби од Металург во плеј-офот со малку одбрани на голманите, ако голманите и одбраната беа на она стандардно ниво, резултатот сигурно ќе беше позитивен за нив. Што се однесува до Фленсбург, играат квалитетна одбрана и го имаат искусниот Матијас Андерсон на голот. Имаат брз напад со многу контри и полуконтри и тука се најопасни. Но, тоа сигурно не е ништо ново за Вардар, сигурен сум дека ќе најдат решение за играта на Фленсбург и ќе постигнат добар резултат на овој натпревар што ќе им ја олесни работата во реваншот. Се надевам дека годинава ќе ја остварат целта и ќе играат на Ф4 во Лигата на шампионите“ – вели Талески.
Првиот натпревар од четвртфиналето во ЛШ меѓу Фленсбург и Вардар се игра денеска (17.30 ч.) во „Фленс Арена“. Реваншот во „Јане Сандански“ е на 27 април по што ќе биде познат и првиот учесник на годинашниот Ф4 турнир во Келн.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА