ЕКИПА во Будимпешта,
Билјана Б.Петрушева, Игор Паневски
Кој чека ќе дочека! Вардар е во финалето на Ф4 турнирот во Будимпешта и утре ќе игра против Ѓер за првата европска титула во Лигата на шампионите. Во четврото полуфинале во ЛШ по ред, вардраки конечно ја остварија целта стигнаа до големото финале во голем стил со апсолутна доминација и победа против се уште актуелниот европски шампион ЧСМ Букурешт со 38-33. Вардарки одиграа фантастично во ова полуфинале во сите сегменти и на ЧСМ Букурешт му наплатија со камата за поразот во ланското полуфинале на Ф4. По 12 години од последното финале на Кометал ЃП против Шлагелсе во 2005 година, Македонија повторно има тим што ќе игра за титула во ЛШ. На чекор од историско постигнување е и Ирина Дибирова која само еден месец откако седна на клупата на Вардар, утре има можност да заврши на победничкиот подиум и да стане прва во историјата што освоила шампионска титула во ЛШ и како играч и како тренер, нешто што во претходните три години за малку не и успеа и на Индира Кастратовиќ.
Вардарки почнаа онака како што посакуваа, сигурно, супериодно, прецизно без многу грешки. Течната игра во нападот на вардарки им донесе пет гола во серија и водство од 1-7 по првите осум минути од натпреварот. Актуелниот шампион комплетно беше исфрлен од игра. Романките останаа затекната од играта на Вардар. Не успеваа да одговорат во исто темпо, а брзото водство на Вардар дополнително им ја разниша самодовербата, посебно во нападот. Многу грешеа, ретко го погодуваа голот на Лејно. Всушност по првите 11 минути, Лено успеа да ја совлада само Изабел Гулден која ги постигна првите три гола за ЧСМ Букурешт. За разлика од конфузната игра на романскиот тим, вардарки во овој период играа како по ноти. Секоја грешка ја казанува со погодок и ја одржуваа преднсота на 5-6 гола. Актуелните шампионки ни оддалеку не наликуваа на ланскиот тим кој беше изненадување на Ф4 турнирот и на крај сензационално завршија на подиумот. Во одбраната на шампионската титула, ЧСМ Букурешт не играше шампионски и делуваше очајно немоќно против разиграмните вардарки.
Вардар беспрекорно играше во одбрана 5-1 со Андреа Кликовац напред, Амандин Лејно носеше дополнителна сигурност, а Ина Суслина со три одбранети седмерци во серија делуваше поразително за ЧСМ Букурешт. Пер Јохансон за 2о минути ги искористи двата тајм-аути, но ни тоа не успеа да ги врати ракометарките на ЧСМ Букурешт од парализирачкиот шок што им го приреди Вардар. А, вардарки сигурно чекореа напред и во 21.минута веќе имаа двоцифрена предност (8-18). За 25 минути игра во полуфиналето на Ф4, веќе имаа постигнато 20 гола (9-20) што дополнително ја зголеми самодовербата во редовите на македонскиот шампион.
Вардарки на одмор заминаа со предност од 13-21, а во последните секунди од првиот дел, директен црвен картон заработе Татјана Хмирова поради недозволениот прекршок врз Кармен Мартин која од контра го постигна 13 погодок за ЧСМ Букурешт.
Натпреварот практично беше веќе решен, а второто полувреме од второто полуфинале на Ф4 во Будимпешта на крај се претвори само во рутина во која вардарки само ја потвдрија својата доминација и му го зададоа последниот удар на сега веќе поранешниот европски шампион. Вардар ја играше својата игра, „пукаше“ од сите позиции и ја одржа позитивата која на крај им донесе победа за финале во ЛШ. Гостинките ја менуваа тактиката во одбраната, дадоа се од себе за да се вратат, но македонскиот клуб беше премногу квалитетен и искусен за да им дозволи такво нешто, на крајот заслужено триумфирајќи со убедливи 38-33.
Андреа Пенезиќ со седум гола беше најефикасна кај македонскиот шампион, пред Радичевиќ и Лекиќ со по шест и Лакабрер со пет постигнати погодоци.
Играта на вардарки и големата разлика на семафорот ги крена на нозе и оние стотина навивачи кои допатуваа во Будимпешта да му дадат поддршка на макеоднскиот шампион. Тие веруваа во вардарки и во нивниот сон и заедно го прославија првото финале на „црвено-црните“ во Лигата на шампионите.
Вардарки утре (17.45 ч.) ќе играат против Ѓер и полните трибини во „Ласло Пап Арена“ во Будимпешта во големото финале за првата шампионска титула во ЛШ. Пред финалето со почеток во 15.15 часот ќе се одигра мечот за 3.место меќу Будуќност и ЧСМ Букурешт
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА