Јувентус е првиот финалист во Лигата на шампионите откако „старата дама“ и во вториот дуел беше подобра од Монако овојпат славејќи на домашен терен со 2-1.
Пласманот во големото финале во Кардиф воопшто не беше доведен во прашање откако италијанскиот првак доминираше на овој реванш дуел, сите дилеми околу побендикот решавајќи ги уште во првото полувреме. Ниту раната повреда на Кедира не ги исфрли од ритам „црно-белите“, кои лесно создаваа шанси, па на одмор заминаа со 2-0 иако предноста можеше да биде и поубедлива доколку Субашиќ не одбранеше неколку зицер удар на домашните играчи.
Прв мрежата на „кнезовите“ ја начна Манџукиќ, по центаршутот на Дани Алвеш, а бразилскиот десен бек извонредните настапи на овој двомеч ги круниса со свој прекрасен погодок, постигнат во самата завршница од првото полувреме со волеј удар од дваесетина метри.
Јувентус промаши уште неколку шанси на стартот од второто полувреме, а по излегувањето на Дибала темпото на игра на домашниот тим опадна. Монако го искористи тоа за да постигне почесен гол преку Мбапе, што сепак беше премалку за да се поправи впечатокот во овој двомеч и да се шокира италијанскиот првак.
Само за потсетување, во второто полуфинале од Лигата на шампионите Атлетико Мадрид утре ќе го пречека Реал Мадрид, во обид да ја надополни негативата од 3-0 од првата средба на „Сантијаго Бернабеу“.
1-0 Mario Mandzukic Goal 09.05.2017 HD by dailyfootballkick
Daniel Alves Amazing Goal – Juventus vs Monaco… by Goalsport
Kylian Mbappé GOAL HD Juventus 2 1 Monaco 09… by footballTV
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА