Финишот кобен за „пелистерци“ во Данска

Еурофарм Пелистер со несреќен пораз во трилер завршница загуби на гостувањето во Данска кај ГОГ Гудме со 30-29.

Целото прво полувреме се движеше во израмнет тек со по неколку мини серии на двете страни. Пелистер подобро го отвори дуелот, но набрзо следуваше серија на домаќините, а на голот Градимир Чаневски слабо го стартуваше мечот и по девет упатени удари кон неговиот гол не успеа да забележи ниту една интервенција. На голот го замени Благојче Трајковски кој набрзина забележа пет интервенции со кои ги држеше битолчани во игра. Тоа што беше Трајковски на голот, во нападот на Пелистер беше Мандалиниќ кој погодуваше буквално од секоја позиција, а во првите 25 минути од вкупно 11 гола, шест беа во негова реализација (10-11). Следеа мини серии на двете страни по кои на пауза се замина со нерешен резултат 13-13.

Второто полувреме беше како пресликано на првото. Двата тима имаа мини серии во кои успеваа да стигнат најмногу до позитива од два разлика, а на шест минути до крајот се влезе со нерешен резултат (27-27). Пелистер со два гола меѓу кои и цепелин мајсторијата на Велковски и Мандалиниќ дојде до позитива од 27-29, но брзо стигна одговор од домаќините и во последните две минути се влезе во егал (29-29). Во следниот напад Кушан не успеа да реализира зицер, по што стигна казна, а Данците поведоа со 30-29. Следеше уште една неискористена шанса на Мараш која на крајот значеше и прв пораз сезонава.

Прво име во таборот на „зелените“ од Битола беше Стипе Мандалиниќ со 11 гола, додека Кушан натпреварот го заврши со 8 гола. Одличен на голот беше Благојче Трајковски кој забележа 11 одбрани. Кај ГОГ Емил Јакобсен погоди 9 пати, додека Сајмо Питник постигна 7 гола.

Се вчитува...