Финска продолжува со одличните настапи во групата во Тампере на Евробаскет 2025 откако ко-домаќинот ја забележа и третата победа во низа, овојпат над Црна Гора со убедливи 85-65. Финските кошаркари предводени од Марканен повторно умешно ја оправдаа улогата на фаворит, воедно и чувајќи дел од силите за завршните две средби од оваа групна фаза, во кои Финска за противници ќе ги има Литванија и Германија.
Црна Гора вечерва успеа да парира само во првите 10 минути во кои Црногорците играа егал-четвртина (23-23). Веќе во втората четвртина нападот на црногорската селекција не функционираше така успешно, тие постигнаа само 14 поени (24-14), што Финците го искористија за да стигнат до двоцифрена предност. На стартот од второто полувреме предноста беше зголемена, со што финските кошаркари не дозволија триумфот во ниту еден момент да им биде доведен во прашање, на крајот славејќи со конечните „плус 20“.
Пет фински кошаркари имаа двоцифрен ефект, а најефикасен очекувано беше Марканен со дабл-дабл од 26 поени и 13 скокови. Во таборот на Црна Гора најдобар стрелец беше Славковиќ со 15 поени, а треба да се истакна слабото издание на Вучевиќ, кој стигна до прескромни 7 поени со шут од игра 2/10.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

