Финска ги освои бодовите, но вистинскиот победник е – Кристијан Ериксен

Финска триумфираше со 0-1 над Данска на своето деби на европските шампионати, дуел што ќе остане запаметен по страшните сцени на „Паркен“ и борбата за живот на Кристијан Ериксен, кој колабираше на теренот пред крајот на првото полувреме. Финците ги освоија трите бода, но токму Ериксен е вистинскиот победник, бидејќи ја доби најважната битка – откако лекарите дваесетина минути крај аут-линијата се бореа за неговиот живот.

Данска имаше целосна доминација на теренот, а до хорор-моментот домашната селекција создаде неколку одлични шанси, но не успеаја да го совладат Храдецки. Речиси два часа подоцна мечот продолжи, а шокот кај данските фудбалери беше очигледен и покрај нивната желба да го доиграат натпреварот. Финска стигна до водство со својот единствениот удар кон противничкиот гол, Похјанпало одлично втрча зад Меле и шутираше со глава, а деконцентрираниот Шмајхел дозволи топката да му мине низ рацете и да заврши во мрежата.

Данска најубавата шанса за израмнување ја пропушти во 74. минута, кога беше досуден пенал по стартот врз Поулсен, но Храдецки го запре ударот на Хојбјерг од белата точка.

Се вчитува...