Финска пресилна за Македонија – одбојкарите загубија во полуфиналето на Европската сребрена лига

Македонската одбојкарска репрезентација претрпе пораз од 3-1 во полуфиналето од Ф4 завршниот турнир од Европската сребрена лига. Финците кои беа фаворити на денешниот натпревар ја оправдаа улогата и со подобра игра во поголемиот дел од мечот повторно ја сопреа Македонија од влез во „елитата“.

Нашите репрезентативци подобро го започнаа првиот сет во која имаа и предност од 9-13, но Финците успеаја да стигнат до целосен пресврт и да слават со 25-22 за 1-0. „Црвено-жолтиот“ одговор следеше во вториот сет во кој овој пат не беше испуштана предноста па 20-25 Македонија стигна до изедначување од 1-1.

Финците повторно беа на врв на својата задача во третиот сет во кој пресудна беше серијата од 5-0 при резултат 9-9 за водство од 14-9 за кое Македонците немаа одговор па противникот повторно поведе (2-1). Четвртиот сет беше изедначен само во воведот, а со две серии Финците успеаја да ја направат потребната предност и да стигнат до победа.

По поразот во денешниот натпревар останува битката за третото место во кое нашите репрезентативци силите ќе ги одмерат со поразениот од натпреварот помеѓу Романија и Унгарија.

 

Се вчитува...