Фиорентина почна со најавениот ремонт на навалната линија откако „виолетовите“ го договорија трансферот на Џовани Симеоне од редовите на Џенова. Аргентинскиот голгетер, кој е син на тренерот на Атлетико, Диего Симеоне, ќе го чини клубот од Фиренца 20 милиони евра, плус дополнителни пет милиони што Фиорентина би можела да ги плати доколку се активираат неколку клаузули.
Италијанските медиуми објавија дека договорот меѓу клубовите е постигнат вечерва, а Симеоне утре ќе отпатува за Фиренца на лекарски прегледи, по што ќе потпише договор со Фиорентина. По комплетирњето на трансферот на овој фудбалер, се очекува „виолетовите“ да тргнат во офанзива по Илија Несторовски. Интересот за македонскиот ас трае подолго време, но се очекува преговорите да се интензивираат во следниот период и Фиорентина да ја плати сумата од 10 милиони евра што Палермо ја бара за Нестор-гол.
Тимот од Фиренца го продаде Иличиќ во Аталанта, се очекува наскоро да се реализира и трансферот на Калиниќ во Милан, па новиот тренер Пиоли во нападот за следната сезона би ги имал Симеоне и Несторовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

