Илија Несторовски повеќе не е примарна желба на Фиорентина за претстојниот преоден рок откако „виолетовите“ ги промениле приоритетите, па сега погледите ги насочиле кон соиграчот на Горан Пандев од Џенова, Џовани Симеоне. Синот на тренерот на Атлетико Мадрид имаше низа одлични настапи во дресот на Џенова, во последно време неговата форма се движеше во надолна линија, но „виолетовите“ сепак сметаат дека тој е подобра опција за нивниот напад отколку Македонецот.
Несторовски влезе во сериозна голгетерска криза, веќе три месеци е без погодок во Серија А, што придонесе директорот на Фиорентина да разгледува и останати опции околу наследник на Калиниќ, кој летово сигурно ќе си замине од „Артемио Франки“. Како што јавуваат италијанските медиуми, Симеоне веќе го минал Нестор-гол на листата со желби на спортскиот директор Корвино, кој во најскоро време ќе ги стартува преговорите со Џенова за ангажман на аргентинскиот голгетер во клубот од Фиренца.
Без оглед на ваквиот развој на настаните, Несторовски сигурно без проблеми ќе си осигура нов трансфер откако бројни клубови во изминатите месеци искажаа сериозен интерес да го доведат во своите редови. Само за потсетување, покрај Фиорентина понуди за Македонецот подготвени имаа и Евертон, Атлетико Мадрид и Милан, па Нестор-гол е на слатки маки, да избере каде ќе ја продолжи кариерата по одличната прва сезона во Серија А.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА