Фирмино отворено: Салах и Мане никогаш не се поднесуваа меѓу себе…

Роберто Фирмино e во фокусот на фудбалската јавност деновиве преку својата автобиографска книга „Си Сењор“, во која посебно внимание предизвикуваат „пикантериите“ околу тензичниот однос меѓу Мохамед Салах и Садио Мане во Ливерпул.

Познато е дека на премиерлигашки натпревар против Барнли, Сенегалецот беснееше на себичниот Салах па јавноста дозна за интерната нетрпеливост која беше добро чувана тајна од сите во Ливерпул.

„Ги познавав двајцата многу добро, затоа што бев на теренот и често бев на средина од нив двајца. Добро ги знаев нивните погледи, гримасите, нервозните реакции и говорот на телото. Тоа го видов и на тој меч. Многумина мислат дека таа караница против Барнли беше прва за Салах и Мане, за многумина беше прва и последна, но јас знаев дека тоа се готвеше долго време, една сезона наназад“ – вели Фирмино во својата автобиографија, и дополнува:

„Моја задача беше да ја смирам тензијата меѓу нив. Но, факт е дека тие никогаш не беа најдобри пријатели, секој си беше посебен. Не можевте да ги видите често како зборуваат, не знам дали тоа беше така поради ривалството кое го имаа меѓу Египет и Сенегал. Сепак, на терен секогаш беа големи професионалци и имаше взаемна почит“.

Фирмино вели дека никогаш не избрал страна во таа долготројна прикриена „војна“…

„Јас никогаш не избрав страна и затоа ме сакаа. Мој приоритет беше тимот. Имав своевидна улога на миротворец, ги обединував. Да не беше така, ќе имаше многу поголема бура на теренот. Затоа и јас бев играчот кој беше најчесто ваден од игра. Клоп знаеше дека јас немаше да фрлам шишиња ако ме извади од игра. Беше полесно да се извади Боби, наместо да се вознемири некој од нив двајца. Тоа беше најлошо чуваната тајна во Ливерпул, но таква е мојата природа. Тимот е на прво место и менаџерот секогаш го знаеше тоа“ – вели Фирмино.

Се вчитува...