Се уште трае целата сапуница околу ситуацијата со лидерот во Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ), екипата на Гостивар, поради пропуст направен на натпреварот против Локомотива Пехчево во првото коло од пролетниот дел од сезоната во ВМФЛ.
Гостиварци на теренот имале играч кој немал право за настап. Гордијан Христовски кој пристигна од прволигашот Скопје во овој преоден рок, меѓутоа според правилникот немал право за настап. Имено, според ФИФА правилата, еден играч може да има три клуба во една сезона, а Христовски покрај што настапи за Гостивар, играше и за Скопје, Силекс и Тетекс во истата сезона. ФФМ не им ги одзема бодовите на гостиварци, но донесе одлука да се отвори дисциплинска постапка против клубот и Христовски.
Од второлигашот Пелистер денеска излегоа со соопштение во кое велат во најбрз можен рок да се донесе одлука за дисциплинска постапка против Христовски и Гостивар.
„ФК Пелистер апелира што е можно побрзо да се донесе одлука за дисциплинската постапка врз ФК Гостивар за „случајот Христовски“, во интерес на регуларноста на натпреварувањето. Апострофираме да се почитува рокот од осум дена кој е наложен како период во кој треба да се донесе одлука за спорната регистрација на фудбалерот“, стои во соопштението на ФК Пелистер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА