Фудбалскиот клуб Победа испрати соопштение до јавноста како реакција на изјавите на Мирсад Јонуз на прес – конференцијата одржана во хотелот „Холидеј Ин“, во пресрет на Собранието на ФФМ. Соопштението, потпишано од претседателот Гоце Ингилизов, го пренесуваме во целост.
Почитуван г-дин Јонуз, со оваа ваша констатација ни го девалвирате целиот наш труд, трудот на управата, трудот на спонзорите и трудот на играчите. Со ваква изјава не демотивирате и правите евентуално нашиот успех или неуспех да не е лично наш. Со ова сега ќе имаме оправдување и во случај да испаднеме, ќе велиме дека некој друг е виновен за тоа. Со оваа изјава ги девалвирате и успесите на сите оние кои освоиле титули во изминатите македонски шампионати, а и Вие сте во нив, нели?
Зарем во првенствата во кои Вие кревавте пехари, знаевте како ќе завршат натпреварите и пред да започнат? ФК Победа ќе се бори до последно коло да ја оствари својата зацртана цел и се надевам дека никој нема да ни одмага во тој поход, а помош барам само од играчите и стручниот штаб. Тие ќе бидат јунаци на крајот и никој друг!
Вие сакате да бидете претседател на ФФМ. Доколку успеете во таа намера, дали ние клубовите во Македонија,ќе знаеме на кое место ќе завршиме уште во септември?
Со почит,
м-р Гоце Ингилизов
Претседател на ФК Победа Прилеп
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА