Што се случува со поранешниот македонски шампионприлепска Победа!? Клубот е без финансиска поддршка од градот, без спонзори, фудбалери, дури и без управа. За Победа во моментот се грижат неколку поранешни фудбалери, кои сигурно, сами, без помош не ќе можат да ја спасат од бездна која се заканува со испаѓање од Втората лига.
На крајот на есенската сезона во конкуренција на 16 клуба во единствената Втора лига на Македонија Победа се наоѓа на 13. место со 15 бода, пред Осогово со 12, Караорман 11 и Саса 8 бода. Ако се знае дека од лигата испаѓаат двете последни екипи, а 14-то пласираната ќе игра бараж за опстанок, тогаш е јасна загриженоста на љубителите на фудбалот во Прилеп за положбата на нивниот миленик. Како да не е веќе бидејќи никој не помага Победа да излезе од ова црнило, во која се наоѓа.
„Никогаш не било вака лошо во Победа. Не можам да разберам толкава незаинтересираност на градот да му помогне на клубот. Општината не го помага финансиски, нема спонзори, ништо не е средено. Клубот нема дури ни Управен одбор, се е сведено на неколку луѓе. По заминувањето на поранешниот претседател Емил Јанески, сега претседателската функција ја врши Благојче Гешоски, кој воедно и спортски директор, секретар е Филип Илиоски. Во клубот останаа и двајцата економи, Зоран Мически и Костадин Ѓорѓиоски, кои со години се тука, тие се грижат за одржување на теренот, за опремата на фудбалерите. Тука да ги спомнам и моите помошници Столе Дунимагловски и Жарко Димески и тоа е сега Победа, луѓе кои треба да се грижат и да го спасуваат клубот од најлошото, испаѓање од лигата. Тренерот на голманите Сребре Стефаноски си замина од клубот“ – вели за ЕКИПА тренерот Јане Николоски, познатиот поранешен репрезентативен голман на Македонија и долгогодишен голман на овој клуб кој го прифати предизвикот да спаси што може да се спаси.
ПЕТ МЕСЕЦИ БЕЗ ПЛАТА
„Многу пати пративме апел до стопанствениците во градот финансиски да помогнат, вратите во Победа се отворени за сите. Прилеп заслужува да има клуб со кој ќе се гордее и денес, исто како и во пранешните години кога играше и во Втората лига на Југослаија, кога беше победник на Купот на Македонија. За жал, барем досега, како и во претходните месеци, нема заинтересирани, како Победа да не постои. Ако ви кажам дека прва и последна плата во клубот е исплатена во август минатата година, со тоа е се кажано каква е положбата во Победа. Знам што ме очекува како тренер во вториот дел на првенството, но јас сум борец, не се предавам така лесно, уверен сум дека Победа, и покрај тешката финансиска положба и недоволен број на квалитетни фудбалери, кои не можеме да ги плаќаме, ќе се избориме за опстанок во Втората лига“ – дополнува Николоски.
СЕ БАРААТ ФУДБАЛЕРИ
Зимскиот преоден рок е при крај, остануваат уште неколку дена да се најдат соодветни засилувања. И покрај тешката финасиска положба Победа се обидува да ја засили екипата, но тешко оди, бидејки е потребно да се обезбеди сместување за нови играчи, така што клубот е принуден да игра со младинци и кадети од сопствен кадар што јасно се виде и од постигнатите резултати во есенската сезона. Најстар играч е Стефан Спиркоски со 24 годин и голманот Антонио Столески со 21 година. Сите други се далеку помлади. Во моментов на проба се десетина млади играчи, засега единствено се знае дека Победа ќе потпише договори со Дамјан Зенковски и Дестан Адили од младионскиот погон на Работнички. Се очекува помош и од Гостивар, кој на позајмица ќе пушти двајца фудбалери и тоа е засега се, ако нешто не се измени во наредните неколку дена.
Иако Победа е во катастрофално лоша финансиска положба и натпреварувачка сезона, спортскиот директор на Победа, сега и во функција на претседател бидејќи никој во Прилеп не е заинтересиран за таа функција, Благојче Гешоски не губи надеж дека клубот сепак ќе најде сили да избега од опасната зона.
„Имам информации дека сепак нешто е раздвижено во градот, има желба конечно да се помогне на Победа, но тоа не оди преку ноќ. Навистина ни е потребна помош. Од општината Прилеп за една година добивме само 25о.ооо денари, или 4.000 евра. Што можевме да направиме со тие пари, да ја платиме котизацијата за настап во Втората лига или да купиме опрема за фудбалерите. За друго не смеевме ниту да размислуваме. Но, слободно напишете, овие луѓе што сега се во клубот, нема да ги разочараат прилепските љубители на фудбаллот и покрај сите тешкотии со кои се судруваат“ – ни рече Благојче Гешоски, кој долго години го носеше дресот на Победа.
М.Мицковиќ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА