ФК Победа се враќа во својот фудбалски дом – стадионот „Гоце Делчев“. По 1927 денови од последниот одигран натпревар во прилепскиот храм на фудбалот (на 14. мај 2015 година со Велазерими, 2-0) и 160 одиграни првенствени и куп-натпревари надвор од својот дом изминативе повеќе од 5 години, ФК Победа денеска со натпреварот од 1. коло во Втората лига – Исток против Кит Го, повторно се враќа на својот стадион.
Прилепчани не кријат дека сезонава силно атакуваат на првото место во второлигашката конкуренција и по долги години враќање на прволигашката сцена од следната сезона.
„Никој меѓу тренерите и фудбалерите, а најмалку клупското раководство, не ги крие максималните амбиции за остварување на прволигашки статус и враќање на клубот во најквалитетното фудбалско друштво. Екипата е подготвена и тренерот Крстески на располагање ги има сите фудбалери, со исклучок на Кукески кој e подложен на операција. Прв противник е составот на Кит-Го од Пехчево кој претрпе доста промени во ростерот во споредба со претходната сезона. Респект за секој противник, но на теренот максимално агресивно и со 100% од секој играч на теренот без пардон кон никого затоа што Победа едноставно мора на секој меч да атакува на победа и три бода за исполнување на клупските но и амбициите на армијата приврзаници на црвено-белата боја“ – истакнуваат од ФК Победа пред стартот на сезоната.
Денешниот натпревар со Кит Го почнува од 16 часот на Градскиот стадион ,,Гоце Делчев“, а билетите по цена од 60 денари ќе се продаваат еден час пред почеток на влезовите на стадионот.
„ФК Победа апелира до своите симпатизери за максимална поддршка на црвено-белите, а на трибините придржување на ковид-протоколите и одржување на потребната дистанца“ – порачуваат од прилепскиот прволигаш.
ВТОРА ЛИГА – ИСТОК (1. коло, денеска – 16 ч.)
Победа – Кит Го
Детонит јуниор – Беласица
Локомотива – Кожуф
Осогово – Каменица Саса
Слога Виница – Братство Житоше
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА