ФК Работнички: Клубот не е вклучен на никаков начин во можни обиди за задкулисни игри

Во Фудбалската федерација на Македонија вчера пристигна пријава за крајно сомнителниот резултат на пријателскиот натпревар меѓу Работнички и Охрид, кој се одигра вчера во Скопје, а заврши со победа на „романтичарите“ од дури 8-2!?

Поради целата ситуација со свој став излегоа и од клубот од Дебар маало. Во продолжение ви го пренесуваме соопштението на ФК Работнички:

„Фудбалскиот клуб Работнички како клуб со интегритет и традиција апсолутно секогаш е во заложба за максимално спортска и витешка игра на фудбалските терени, и ќе продолжи да го прави тоа чесно и со единствена намера за почитување на фер-плеј и негување на вистинските спортски вредности. Клубот ја информира јавноста дека на било каков начин не е вклучен во инсинуациите и можните обиди за задкулисни игри околу резултатот на пријателскиот натпревар против Охрид Лихнидос.

ФК Работнички има единствена цел што е можно подобро да го подготви тимот за вториот дел од сезоната и во таа насока и со чисто спортски намери го одигра натпреварот.

Клубот секогаш ќе вложува максимални напори за чист фудбал и за респект кон противниците и кон натпреварувањето и во таа насока апсолутно стоиме на располагање на Фудбалската федерација на Македонија за било каква помош и соработка“, стои во соопштението на ФК Работнички. 

Се вчитува...