ФК Шкендија: Што има Ставрев против Шкендија?

Од таборот на Шкендија се револтирани од судењето на Александар Ставрев на вчерашниот натпревар против Силекс во Кратово кој заврши без победник (0-0) во 9. коло од Првата македонска фудбалска лига.

Тетовци во второто полувреме заработија и два црвени картони, денеска, преку официјално соопштение, искажувајќи незадоволство од начинот на делење на правдата.

СООПШТЕНИЕТО ОД ФК ШКЕНДИЈА ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

На натпреварот од 9. коло од Првата лига меѓу Силекс и Шкендија (0-0), одигран во Кратово, за жал, судијата Александар Ставрев повторно се најде во центарот на вниманието со некои крајно сомнителни одлуки. Меѓу другото, тој додели два црвени картони против нашите играчи, кои се целосно под знак прашалник (особено првиот заа Трумчи во 55. минута).

Како клуб, уморни сме од бескрајните поплаки и нашите реакции за начинот на кој се дели правдата на теренот, што постојано влијае на нашите резултати. Овој пат, покрај официјалната претставка упатена до Арбитражната комисија при ФФМ, јавно излегуваме со ова соопштение да ја изразиме нашата длабока загриженост за штетите кои повеќе пати ни се нанесуваат од арбитрите, а конкретно од Ставрев.

Не е првпат Ставрев да ги суди директните натпревари меѓу Силекс и Шкендија, а повеќе од една деценија овие натпревари се проследени со „грешки“ кои зачудувачки секогаш се случуваат на штета на Шкендија. Неговите одлуки директно влијаеја не само на исходот на натпреварите, туку честопати и на нашата конечна позиција во првенствениот пласман.

Јавно прашуваме: Што има Ставрев против Шкендија? Зошто овие повторени грешки ни се случуваат само нам?

Силно апелираме до надлежните органи на ФФМ да преземат конкретни мерки и да престанат да ги оправдуваат грешките на арбитрите. Ова треба да биде последен пат да бидеме „жртви“ на неправдите на теренот од страна на судиите воопшто, а особено од Ставрев.

Со почит,

ФК Шкендија

Се вчитува...