Нема да му биде лесно пролетва на тренерот на второлигашот Скопје, Љупчо Марковски, популарниот Калц бидејќи речиси остана без половина стандарни првотимци кои во есенската сезона ги одиграа сите натпревари.
Си заминаа Иван Мицевски, Владимир Жоглев, Идриз Сулејмановиќ и Мргим Дани. Но овој егзодус на играчите на Скопје, за жал може и да продолжи до крајот на зимскиот преоден ток. Нов играч е Стефан Богдановски, не толку познато име, и тоа е засега се.
За среќа, Скопје есенва, иако се бореше со проблеми, најмногу финансиски, собра 22 бода и се наоѓа на седмото место на табелата во конкуренција на 16 екипи. Далеку е од врвот на табелата кој води кон Првата лига, но исто така и далеку од опасната зона и пат кон Третите лиги бидејќи последните два клуба Вардарски и Борец имаа по 5 , Осогово 8 бода.
„Мораме до стартот на пролетниот дел да ангажираме барем уште тројца искусни играчи, бидејки останавме речиси само со младинци“, изјави Марковски.
„Навистина, со освоените 22 бода не сме во ситуација да бидеме загрижени и да се бориме за опстанок, но мораме да направиме се за да играме мирно во продолжението на првенството. Недостаток на сигурен прилив на финансиски средства го прави своето, играчите, особено оние стандарни не сакаат да играат без пари. Некои од нив есенва, особено оние најмладите играа аматерски, без никаков паричен надомест. А тоа сигурно се одразува и на играта на целата екипа.
Претседателот на клубот Игор Тодоровски и спортскиот директор Иван Матевски прават големи напори да обезбедат финансиски средства клубот нормално да функционира, помага и Општината Гази Баба, нешто пари добивме и од Министерството за спорт, но сето тоа е недоволно. Но, тоа е тоа, ФК Скопје со години ги има овие проблеми“
Фудбалерите на Скопје со пролетните подготовки стартуваа на 15 јануари, засега тренираат на теренот во Аеродром на вештачка трева бидејќи нивниот терен по лошите временски снежни услови не беше најпогоден за тренинзи. Освен тоа мораат да го чуваат за првенствените натпревари што ги очекуваат. Згора на тоа, за тренинзите во Аеродром мораат и да плаќаат.
За денес во Гостивар е закажан и првиот контролен меч со Беса, потоа со Тетекс и Борец, се бара уште еден противник до стартот на вториот дел, кога во првите две кола играат со Вардарски во Богданци и со Борец во Скопје. Тоа е шанса да го зголемат своето есенско бодовно салдо и мирно да игра до крајот на првенството.
М.М
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА