Денешниот ден, 14. јуни е со златни букви запишан во историјата на најтрофејниот македонски клуб. На денешен ден во 1987 година, Вардар стана шампион на Југославија запишувајќи се во аналите на југословенскиот фудбал како единствен клуб од Македонија кој успеал да дојде до трофејот.
Тимот предводен од Андон Дончевски и помошниците Методије Спасовски и Кочо Димитровски успеа да освои 38 бодови, со 15 победи и 8 нерешени средби, од вкупно одиграните 34 првенствени натпревари, доаѓајќи до престижната титула. Најдобар стрелец беше Дарко Панчев со постигнати 18 голови додека Тони Савевски беше најстандарден со 33 настапи во црвено-црниот дрес.
Во таа сезона поради лажирање на натпревари во претходната 1985/86, десет тимови во првенството почнаа со минус 6 бодови по одлуката на Фудбалскиот сојуз која што потоа беше повлечена и по судски пат титулата му беше доделена на Партизан.
Но, како признание за освоената титула Вардар беше потврден како шампион од страна на УЕФА и доби прилика да се натпреварува во Купот на европските шампиони каде што во првото коло на два пати загубивме од тогашниот европски првак Порто со идентични 3-0.
За Вардар таа сезона настапуваа Тони Савевски, Драган Канатларовски, Илија Најдоски, Дарко Панчев, Васил Рингов, Вујадин Станојковиќ, Љупчо Марковски, Јовче Џипунов, Бобан Бабунски, Чедомир Јаневски, Момчило Грошев, Милко Симовски, Љупчо Лазаров, Венцислав Симоновски, Мирко Петров, Благоја Тодоровски, Никола Аврамовски, Зоран Трајчевски, Горан Стојановиќ, Николче Филипов, Тони Атанасовски и Јовко Бизимовски.
Но, и пред таа титула од 1987 година, ФК Вардар беше еден од најдобрите десет клуба во поранешна СФРЈ. Согласно статистичките официјални показатели за првенствата од 1946 до 1974 година, Вардар по бројот на освоени бодови во Првата југословенска лига е еден од најдобрите десет клуба.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА