Што се случува со нашиот најтрофеен фудбалски клуб, Вардар? Неизвесноста и тоа како трае, и покрај постојаните шпекулации за конечно стабилизирање на ситуацијата во најтрофејниот македонски клуб по сите негови изминати турбулентни години. Во очекување се дури и оние неговите најверни кои го одржаа во живот изминатава година – „Комитите“, кај кои и тензијата и несогласувањето расте по се погласните спомнувања на имињата кои треба да го преземат клубот. „Комитите“ по сета макотрпна борба која изминативе години ја водеа да го одржат во живот Вардар сега и тоа како сметаат дека имињата кои се наметнуваат воопшто не се „спасители“ на Вардар.
И покрај најавите за доаѓање на силни спонзори, и покрај активните преговори за нови раководители, засега се уште нема дефинитивна одлука. Вардар е во преговори за странски инвеститор, но сето тоа ниту од далеку нема да може да се реализира пред стартот на сезоната која би се почнала со домашни пари и имиња.
Одолговлекувањето на неизвесната ситуација, пак, повлекува и застој кај „црвено-црните“ во желбата да привлечат некое од поатрактивните домашни фудбалски имиња. Не е никаква тајна дека „вардарци“ за новата сезона ги посакуваа и репрезентативниот голман Дамјан Шишковски, и поранешните репрезентативци Стефан Спировски, Филип Најдовски и Кире Ристевски, но сите се одлучија за други фудбалски средини токму поради неизвесноста која се уште трае во и околу клубот, а веќе на само еден месец пред стартот на новата сезона во Првата македонска фудбалска лига. Вардар, оние се уште актуелните во спортскиот дел, се со желба за ангажман на неколку поранешни репрезентативци но и тоа е далеку од било каква реализација.
Од друга страна, пак, се поголем е бројот на фудбалерите кои заминаа од клубот како и оние кои се пред заминување. Лука Шушњара, Марјан Ристовски, Муарем Мујазиновиќ, Суса Кеба, Јорго Папули веќе најдоа нови клубови, а пред заминување се и Марјан Алтипармаковски и Дејан Ѓуриќ. Речиси сите прволигашки клубови веќе ги започнаа и подготовките за новата сезона, некои веќе играат и пријателски средби, а во Вардар засега нема најава ниту за почетокот на подготовките, а не, пак, за договорени пријателски средби.
Во неизвесност се и стручниот штаб на чело со тренерот Горазд Михајлов кои не се осудуваат да закажат старт на подготовките се додека јасно не се реши целокупната ситуација.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА