ФК Вардар со повик до општините: Купете по 1.000 членски карти и поделете ги на најмладите ученици

Раководството на ФК Вардар на чело со верните навивачи на клубот испрати отворен повик до општините да се вклучат во иницијативата за финансирање на „црвено-црните“.

Според овој предлог, секоја општина би требала да купи најмалку по 1.000 членски карти по цена од 1.000 денари и потоа да ги донира на најмладите ученици на својата територија.

Соопштението на ФК Вардар го пренесуваме во целост:

ОТВОРЕН ПОВИК ДО ОПШТИНИТЕ

Во името на клубот упатуваме јавен повик до сите Општини кои пред нешто повеќе од еден месец, се приклучија на заедничката борба за ФК Вардар.

Време е за првата заедничка акција. Па така, откако народот и помалите фирми ентузијастички се приклучија на продажбата на членските карти, дојде моментот да преминеме на наредната фаза.

Предлогот до Општините е следен: Бараме да се приклучите на акцијата „За Вардар навиваме од нозе мали“, со тоа што ќе откупите минимален број од 1000 членски карти и истите ќе ќе ги поделите на најмладите ученици во секоја општина, бидејќи покрај првичната цел, обезбедување финансиска стабилност на клубот, акцијата ја правиме и со цел доближување на спортот и спортските вредности на најмладите категории.

Покрај тоа, нашиот предлог е дел од членските карти да бидат доделени на најранливите категории, кои поради влошената финансиска ситуација, не се во можност да си ги купат. ФК Вардар е клуб на народот, на сите нас, и наша заедничка цел е овој принцип да биде запазен.

Веруваме дека ќе ја поддржите акцијата, и дека ќе се согласите со наведениот предлог. Доколку било која од Општините посака директна средба по ова прашање ние како партнери во клубот ви стоиме на располагање 24/7 во неделата.

ЗА КЛУБОТ НА НАРОДОТ – ЗА ГОРДОСТА НА МАКЕДОНИЈА!

Се вчитува...