Раководството на ФК Вардар преку соопштение информираше дека нема да биде дозволено присуство на гостински навивачи за време на утрешниот меч од осминафиналето во Купот на Македонија против Шкендија.
Вообичаено пресметките на големите ривали се прогласувани за мечеви од висок ризик, истото е случај и со утрешниот дуел на Националната Арена „Тодор Проески“, што значи присуство само на приврзаниците на домашната екипа.
„Фудбалскиот клуб Вардар ви соопштува неколку информации поврзани со утрешниот натпревар од 1/8 финалето од Купот на Македонија со Шкендија, кој ќе се игра на Националната Арена „Тодор Проески“. Натпреварот е прогласен за меч од висок ризик, и од тука нема да биде дозволено присуство на гостински симпатизери.
За овој меч ќе бидат отворени само јужната и западната трибина, додека источната ќе биде затворена, а на северната ќе присуствуваат само службените лица. Билети ќе се купуваат на билетарницата на Националната Арена, и за секој купен билет, ќе мора да биде приложен документ за идентификација.
ФК Вардар уште еднаш апелира на сите кои ќе дојдат на стадионот за фер и коректно навивање, без извици на национализам и расизам, и без фрлања на предмети на теренот. Дајте му поддршка на нашиот тим да стигне до добар резултат од ова дерби, и да ја продолжи победничката серија и во Купот“ – се вели во соопштението на ФК Вардар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА