Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар денеска и официјално испрати барање до Фудбалската федерација на Македонија за итна смена на комесарот за делегирање на судии, Маријан Ристески.
Причина за ова барање е хаосот во елитните фудбалски натпреварувања во Македонија и бројните контроверзии од почетокот на сезоната 2024/25.
Соопштението на ФК Вардар ви го пренесуваме во целост:
„Со оглед на многуте гласни коментари на повеќето клубови од Првата и Втората МФЛ, ние како ФК Вардар започнуваме иницијатива за ИТНА смена на комесарот за делегирање на судии, Марјан Ристески.
Воедно како клуб за неуспесите и поразите вината прво ја гледаме во сопствените редови, но по консултација со стручни лица и со оглед на фактите од изминатите 13. кола, може да се констатира дека Вардар е најоштетен во однос на судиските грешки. Ние никогаш јавно не излеговме со соопштенија и реакции за разлика од други клубови кои со мизерни реакции се обидуваат да ги негираат нашите победи.
Ние како клуб оставаме на телата и органите на ФФМ да си ја работат работата и да ја покажат својата стручност околу грешките и спорните моменти.
Поради ова бараме и од останатите клубови поддршка на оваа иницијатива за ИТНА смена на комесарот за делегирање на судии и радикални ставови на сите клубови за воведување на ВАР технологија за следната сезона.
Промената на раководството на судската асоцијација, поточно барањето за разрешување на Марјан Ристески, се припишува на неколку фактори, вклучувајќи ги проблемите кои гласно ги посочуваат клубовите од МФЛ по секое натпреварувачко коло и потребата за иновации од организацијата. Промените се бараат за поголема усогласеност со промената кон поголема транспарентност и одговорност, вкучувајќи значително учество на членовите во изборот на наследник кој ќе го води со фокус на модернизирање и зајакнување на судискиот систем“, стои во соопштението на ФК Вардар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА