ФК Воска: Бевме принудени да се повлечеме од теренот поради судењето во текот на целиот меч

Охридскиот прволигаш Воска Спорт се огласи со соопштение веднаш по одлуката за предвремено напуштањето на теренот на натпреварот против Вардар, при резултат 1-1, во 28. коло од Првата македонска фудбалска лига.

Домашната екипа неочекувано се одлучи да го напушти теренот во 76. минута, неколку минути откако Вардар успеа да го израмни резултатот, по што судиската тројка и гостинската екипа по чекање од 15 минути, исто така се повлекоа од теренот. Од Воска спорт во соопштението информираат дека повлекувањето е поради незадоволство од судењето во текот на целиот натпревар.

Сосема е јасно дека Воска Спорт дека ја очекува службен пораз, но и дополнително казни по дисциплинска постапка од ФФМ.

СООПШТЕНИЕТО НА ФК ВОСКА СПОРТ ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

Воска Спорт го изразува својот револт, информирајќи ја Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) за спорните судиски одлуки на последниот натпревар меѓу нашата екипа и Вардар.

Од првата минута од натпреварот нашите играчи не беа рамноправни на теренот со противниците поради низата неправедни судиски одлуки кои значително се одразија на текот на играта и исходот на натпреварот. Судиите постојано носеа сомнителни одлуки, што доведе не само до нефер игра, туку и до серија неосновани опомени и казни кон нашите играчи.

За жал, поради овие сериозни неправди, во 76. минута нашиот тим беше принуден да се повлече од игра. Сметаме дека ова беше единствената можна одлука да ги заштитиме правата на нашите играчи и да спречиме понатамошно нарушување на спортскиот интегритет.

Во оваа насока бараме од ФФМ да ги разгледа спорните одлуки на судиите и да преземе мерки за спречување на вакви ситуации во иднина. Се надеваме дека ќе се спроведе детална истрага за судиските одлуки и ќе се обезбеди фер и рамноправна игра за сите екипи.

Очекувајќи го вашиот одговор и дополнителни инструкции, ви благодариме за разбирањето.
Со почит,
Воска спорт

Се вчитува...