Навивачката група на ФК Охрид, популарните „Рибари“ нема да може да присуствуваат на трибините на „Билјанини извори“ во Охрид на утрешната градска пресметка со ФК Воска од 17. коло во Втората лига – Запад.
Како што соопшти навивачката група, на ден пред градското дерби биле информирани дека на барање на домаќинот средбата е прогласена за натпревар од висок ризик и донесена е забрана за присуство на гостински навивачи.
„Крајно сме разочарани и гневни од односот на Ф.К Воска! Имено на еден ден пред натпреварот против ФК Охрид на кој тие се водат како формален домаќин добивме забрана за влез на натпреварот! Во нашиот град на нашиот стадион ние добиваме забрана! Сакаме да им порачаме дека нема сила која ќе не спречи да го бодриме нашиот клуб! Рибари се симбол на спортот во градот Охрид!“ – се вели во соопштението од „Рибарите“.
Натпреварот Воска – Охрид ќе се одигра утре со почеток во 14 часот.
Минатиот викенд „Билјанини извори“ беше ‘накитен’ со извонредна атмосфера пред околу 5.000 навивачи на натпреварот меѓу Охрид и Вардар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА