Барселона утревечер ќе ја пречека Осасуна во заостанатиот натпревар од Ла Лига, откако беше одлучено дека овој меч одложен поради трагичната смрт на клупскиот лекар на каталонскиот гигант мора да биде одигран пред продолжението по оваа репрезентативна пауза.
Ова создаде огромни проблеми за каталонците, кои нема да можат да ги имаат во тимот двајцата важни фудбалери кои доцна синоќа играа натпревари за своите национални селекции на јужноамериканскиот континент. Бразилецот Рафиња и Уругваецот Араухо до вечерва ќе допатуваат во Шпанија, но тренерот Флик оцени дека ризикот од повреда при нивни настап е преголем.
„Искрено, размислувавме… одлучивме дека не е паметно тие двајца да играат утре против Осасуна. Ризикот е преголем, тие мора да одморат и да бидат подготвени за наредните предизвици“, истакна Флик.
Покрај овој јужноамерикански тандем, во стартниот тим ќе го нема ниту стандардниот дефанзивец Пау Кубарси. Младиот шпански репрезентативец се повреди на првиот дуел со Холандија, во последните денови тренираше изолирано и ќе остане на клупата за резерви, влегувајќи само доколку има апсолутна потреба за такво нешто.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА