Чави вечерва за последен пат ќе ја води Барселона, а каталонскиот гигант утре со официјално соопштение ќе го потврди доаѓањето на Ханси Флик како тренер на „Камп Ноу“.
Сите детали се веќе договорени, Флик го прифатил предизвикот да се носи со Реал Мадрид, од самиот почеток на разговорите со Барселона одбивајќи ги понудите од сите англиски премиерлигаши кои сакаа да го ангажираат во своите редови.
Каталонските медиуми најавуваат дека главна желба на новиот тренер на Барселона на пазарот ќе биде доведување на неговиот миленик од Баерн, Џошуа Кимих. Германскиот репрезентативец и лани беше високо на листата со желби на Барселона, но летово ситуацијата е поинаква, тој има само уште 12 месеци од актуелниот договор со Баерн и нема намера да потпише нов, па самиот ќе инсистира на заминување од „Алијанц Арена“.
Згора на тоа, цената на Кимих значително ќе падне и се очекува тој да биде достапен за сума од 40 милиони евра што каталонците ќе можат да ја платат. Овој играч беше лидер на Баерн додека Флик беше тренер на баварскиот гигант, потоа имаше главна улога и во германскиот национален тим додека овој стратег беше на чело на репрезентацијата, па јасно е дека Кимих ќе биде заинтересиран за преселба на „Камп Ноу“, особено по разочарувачката сезона со Баерн во која влезе во конфликт со тренерот Тухел, но и остана разочаран од недоволната поддршка од раководството на клубот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА