Флик: Го почитувам Баерн, но сега сум тренер на Барселона

Барселона и Баерн Минхен ќе ги одмерат силите утревечер во рамките од третото коло во Лигата на Шампионите, меч што ќе биде од посебно значење за домашниот тренер Ханси Флик.

Германецот има извонреден почеток на тренерската авантура во Барселона, но Флик не заборава дека чекорите кон врвниот фудбал како тренер ги направи токму како шеф на стручниот штаб на Баерн. Она што е интересно, Флик во 2020 го предводеше Баерн до неверојатна победа од  2-8 на гостувањето против Барселона, а утре ќе го предводи каталонскиот гигант против поранешниот клуб.

„Секако дека многу го почитувам Баерн, тоа е клуб каде минав прекрасни моменти, но сега сум тренер на Барселона. Не размислувам за минатото, важна е само сегашноста и работата за што подобра иднина. Ние ќе бидеме фокусирани, нема да дозволиме резултатите од минатото меѓу овие два тима да имаат било какво влијание. Секако дека Баерн е силен тим, игра доминантно и оваа сезона, знае да изврши притисок на секој меч без оглед на противникот, но наша цел е да одиграме квалитетно и да стигнеме до победата“, изјави Флик.

Добра вест за стратегот на Барселона е враќањето на дел од стандардните првотимци кои од почетокот на сезонава не му беа на располагање.

„Де Јонг сигурно ќе биде во комбинација и ќе се најде на теренот во одреден момент. Видовте на последниот дуел со Севилја, се врати и Гави, беше толку емотивно… секако дека е одлично што повторно ќе имаме вакви врвни фудбалери во нашиот тим“, прокоментира Ханси Флик.

Се вчитува...