Ханси Флик не го крие задоволството откако со последната победа над Реал Мадрид неговиот тим се наоѓа на чекор на титулата. Каталонците би можеле уште вечерва да станат шампион ако Реал не слави на домашен терен над Мајорка. Доколку „кралевите“ триумфираат на својот меч, Барса за титула ќе треба да слави на утрешното градско дерби против Еспањол..
„Не сакам да разговарам за прослави однапред. Мораме да бидеме подготвени, да одиграме квалитетен натпревар и да стигнеме до резултатот што го посакуваме. Играме дуел со градски ривал како Еспањол, ако се случи да славиме титула на ова гостување, тоа мораме да го направиме со почит кон противникот, да не се дојде до било каков инцидент“, изјави Флик.
Германецот со гордост говореше за случувањата на последното Ел Класико, на кое неговиот тим експресно се најде во негатива од 0-2, но до крајот на првото полувреме постигна четири гола и направи целосен резултатски пресврт.
„Пресреќен сум за нашите навивачи, што уживаа во овие четири дуели со Реал Мадрид сезонава и нашите четири победи. Како ги свртевме работите на последниот меч, беше навистина фантастично. Бевме страшни, Реал Мадрид немаше допир со топката на нашата половина цели 24 минути. Тој факт е неверојатен, нешто на што мораме да бидеме горди“, задоволен е сратегот на Барселона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

