Флик има план за Барса, да донесе двајца сонародници „гратис“

Ханси Флик има извонреден почеток на авантурата како предводник на Барселона, германскиот стратег за кратко време успеа да состави одличен колектив со кој планира да се бори со Реал Мадрид за титулата во Ла Лига.

Покрај за случувањата на тренинзите и натпреварите, Флик е фокусиран и на наредните потези на пазарот, што ги планира заедно со спортскиот директор Деко и со претседателот Лапорта. Каталонските медиуми јавуваат дека германскиот стратег има одличен план за Барса, следното лето да донесе двајца врвни фудбалери на „Камп Ноу“, и тоа без никаква отштета.

Џошуа Кимих веќе е влезен во последната година од договорот со Баерн, преговорите за продолжување на соработката не се почнати, а Флик е убеден дека ќе успее да влијае поранешниот пулен од Баерн и од германската репрезентација да му се приклучи во Шпанија. Кимих важеше за миленик на Флик додека тој беше селектор на Германија, а искусниот стратег сега планира да го искористи добриот однос со овој фудбалер за да го ангажира и на клупски план.

Вториот играч е Џонатан Тах, кој веќе обелодени дека нема намера да потпише нов договор со Баер Леверкузен и како слободен играч следното лето ќе си замине од „Бај Арена“. Баерн на хартија важи за фаворит во трката по дефанзивецот, но Флик и Деко уште сега кројат план за веќе во јануари да потпишат преддоговор со Тах, за да го победат баварскиот гигант за потписот на овој одличен одбранбен фудбалер.

Се вчитува...