Флик не го сака Нејмар назад во Барса

Нејмар се враќа во натпреварувачки ритам во дресот на Сантош, но бразилскиот генијалец не крие дека желба му е во текот на летото да се врати назад во Европа, доколку добие интересна понуда од врвен клуб од Стариот континент. Нејмар во изминатите денови беше поврзуван и со камбек во Барселона, но последните информации велат дека овој трансфер нема да биде реализиран.

Главен виновник за тоа е тренерот Ханси Флик, кој јасно ставил до знаење дека Нејмар воопшто нема да му биде потребен во тимот за наредната сезона. Германецот инсистира на создавање моќен колектив без суперѕвезди, тоа одлично му оди во првата сезона на „Камп Ноу“ и не планира да ја промени филозофијата поради Нејмар. Згора на тоа, тој се сомнева дека Бразилецот по двете тешки повреди на колената ќе биде во можност да игра на највисоко ниво во Ла Лига и во Лигата на Шампионите, поради што веќе ги известил Деко и Лапорта воопшто да не почнуваат преговори за овој фудбалер.

Приоритет за Флик ќе биде носење на помлад фудбалер при што негови желби се Нико Вилијамс и Луис Дијаз, а лесно може да се случи Барса воопшто да не ангажира нов крилен офанзивец туку да тргне по класичен напаѓач – Александер Исак со Њукасл се спомнува како идеална опција за долгорочен наследник на Левандовски.

Се вчитува...