Барса се соочи со огромен шок откако Ла Лига и Шпанската Фудбалска Федерација вчера преку соопштение објавија дека договорите на Дани Олмо и на младиот Пау Виктор нема да можат да бидат регистрирани, што практично значи дека овие двајца фудбалери нема да може да настапуваат за каталонскиот гигант во вториот дел од оваа сезона.
Каталонците се соочуваа со огромни финансиски проблеми, на крајот ги добија парите ветени од продажбата на ВИП-ложите, но уплатата пристигна неколку дена подоцна, па прекршен беше последниот рок од 31 декември за регистрација на новиот договор на Олмо.
Навивачите се во шок, но тренерот Ханси Флик останува смирен, верувајќи дека ќе се најде решение за овој огромен проблем
„Сигурен сум дека клубот ќе ја реши ситуацијата околу регистрациите на Дани Олмо и на Пау Виктор. Не знам како точно, но верувам во луѓето кои ја водат Барса и знам дека ќе биде најдено решение. Утрово разговарав со Дани Олмо, тој сака само да игра за Барса и ништо друго“, изјави Флик по вчерашната победа од 0-4 во Копа дел реј, на гостувањето против нисколигашот Барбастра.
Олмо и Пау Виктор отпатуваа со експедицијата на Барселона за претстојниот турнир од Супер-купот на Шпанија што ќе се одржи во Саудиска Арабија и ќе тренираат со остатокот од тимот, иако е јасно дека нема да смеат да настапат на овие натпревари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА