Лука Модриќ ќе го добие она што го посакува – нов договор со Реал Мадрид со што хрватскиот генијалец би одиграл уште една професионална сезона во најтрофејниот европски клуб, за потоа со настап на СП 2026 да се збогува од фудбалот.
Хрватот јасно стави до знаење дека тоа му е единствена желба, повторно одбивајќи мегапонуда од Саудиска Арабија каде можеше да заработи повеќекратно повеќе пари од она што го добива во Реал. Сепак, Модриќ е дециден на ставот Реал да биде последниот клуб во неговата кариера, без разлика дали збогувањето ќе се случи ова лето или пак во 2026.
Информациите од Шпанија говорат дека Флорентино Перез решил да го награди хрватскиот ветеран за лојалноста и ќе ја иполни оваа желба на 39-годишниот Модриќ. Понудата е веќе подготвена и се очекува да биде испратена до агентот на Модриќ во наредните денови. Според информациите од Шпанија, преговорите не би требало да траат премногу долго ако се знае дека Лука веќе стави до знаење дека парите воопшто не се приоритет.
Иако има 39 години, Модриќ сезонава настапи на дури 44 натпревари во дресот на Реал, на 20 од нив како стартер. Тој има четири гола и седум асистенции, со што останува еден од главните адути на тренерот Анчелоти во походот по нови трофеи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА