Европскиот првак Реал Мадрид лошо ја започна сезоната во Ла Лига и има десет бода негатива во однос на лидерот Барселона. Тоа веднаш го активира алармот во „кралскиот клуб“, а работите во свои раце ги презеде претседателот Флорентино Перез. Јасно е дека на лето ќе има голема реконструкција во тимот, а, според плановите на Перез, на „Сантијаго Бернабеу“ треба да пристигнат пет нови ѕвезди.
Погледите се насочени кон Лондон и составот на Тотенхем, од каде треба да пристигне тандемот Хари Кејн – Деле Али. Ќе биде тоа тешка мисија за Перез, но не и невозможна ако се знае дека и претходно имал добра соработка со раководството на Тотенхем. Можно е Герет Бејл да се врати меѓу „спарси“, а Хари Кејн и Деле Али се најголемите желби на „кралскиот клуб“.
Реал Мадрид има удрено „пик“ и во Торино. Аргентинецот Пауло Дибала е фудбалерот што Флорентино Перез сака да го види на „Сантијаго Бернабеу“. Тој неодамна и истакна дека би можел да си замине од Јувентус, со што плановите на Реал Мадрид уште повеќе добиваат на значење.
Претседателот на „кралскиот клуб“ конечно сака да купи и нов голман. Давид Де Хеа се уште е во комбинација, но во последниот период се повеќе во Мадрид размислуваат и за Кепа Аризабалага, голманот на Атлетик Билбао, кој е и шпански репрезентативец.
Се планира и засилување во одбраната, а тоа треба да пристигне од Париз. На листата на желби се наоѓа Бразилецот Маркињос од Пари Сен Жермен.
Убав е планот на Флорентино Перез, има и неколку алтернативи, Кевин де Бруин, Серхио Агуеро, Ињиго Мартинез, но се чини дека е и премногу амбициозен. За ваков потфат ќе биде потребна енормна сума, околу половина милијарда евра…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА