Флорентино Перез останува прв човек на Реал Мадрид до 2021 година. Претседателот ќе продолжи да го менаџира клубот и по 14 години на функцијата, откако прв пат седна на претседателското столче во 2001 година. Перез од сезоната 2006/07 му го отстапи местото на Рамон Калдерон, но по три години се врати во клубот каде продолжува со успешната работа.
Перез досега има инвестирано преку 1.3 милијарди евра за трансфери, а за возврат ги израдува навивачите со 19 трофеи. Седум ги освои во својот прв мандат, од 2001 до 2006 година, а останатите 12 откако се врати во 2009 година. Реал Мадрид со перез на чело само во три сезони не успеа да освои трофеј, во сезоната 2004/05, 2005/06 и 2009/10.
Со 19 трофеи Флорентино Перез е втор најтрофеен претседател, пред него е легендарниот Сантијаго Бернабеу со 31 титула во 35 години како прв човек на „кралскиот клуб“.
Реал Мадрид имаше 14 тренери во ерата на Перез. Почнувајќи од Висенте Дел Боске, на клупата седнаа познати имиња како Бернд Шустер, Фабио Капело, Жозе Мурињо, а сега Зидан ги стави во сенка сите, откако Реал ја освои 12. европска титула, трета во последните четири години.
Во неговиот прв мандат Перез го започна брендот „Галактикоси“, купувајќи ги најдобрите играчи од Европа и светот. Мега-ѕвездите како Роналдо, Фиго, Бекам беа меѓу најпознатите, а нормално и поранешниот најскап играч Зинедин Зидан како лидер на тимот. Перез продолжи да гради тим од звучни имиња откако одново го сруши рекордот во 2009 година за Кристијано Роналдо, трансфер вреден 96 милиони евра. Португалецот од тогаш стана икона на клубот, носејќи три титули во Лигата на шампиони, меѓу нив најпознатата „ла Децима“, а годинава за прв пат во историјата го одбранија Европскиот трофеј.
Успешното владеење на Перез продолжува понатаму, а проектот „Галактикоси“ ќе го надоградува секоја сезона. За овој трансфер период главни цели се Килијан Мбапе, Давид Де Хеа, Еден Азар, прашање е само кој ќе биде првиот што ќе го облече белиот дрес и кој ќе биде новиот најскап играч.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА