Раководството на меѓународната патека Бахреин, вчера им понуди вакцинација на учесниците во Ф1 шампионатот кои ќе направат предсезонско тестирање, а во оваа земја ќе биде одржана и првата трка сезонава. Сепак, се чини дека Формула 1 нема да ја прифати оваа понуда. Предсезонското тестирање во Бахреин започнува за 11 дена, а две недели подоцна е закажана трката. Бахреин е домаќин на Формула 1 шампионатот од 2004 година, а минатата година имаше две трки во Ф1 на две различни конфигурации на патеката.
Бидејќи повеќето вработени во Формула 1 во Бахреин ќе имаат активности од три недели, управата на Бахреин, понуди да ги вакцинира со вакцината „Фајзер“, за заштита од КОВИД-19.
„Поради временската рамка на овогодинешниот Ф1 настан, но и заради пандемијата, голем број на учесници во Бахреин ќе бидат присутни во период од три недели пред трката. Ова ни дава единствена можност да обезбедиме дополнителна заштита за оние кои сакаат да ја прифатат вакцинацијата и да добијат имунизација“, се вели во соопштението.
Учесниците кои се одлучија за вакцината, првата доза ќе ја добијат веднаш по пристигнувањето во Бахреин, што се очекува кон крајот на оваа недела, а втората доза ќе се добие пред заминувањето, 21 ден подоцна.
Шефот на Формула 1, Стефано Доменикали, на почетокот на февруари рече дека не сакаат да се истуркаат преку ред, кога станува збор за вакцината КОВИД-19, па тој потенцираше дека ризичните групи на граѓани имаат предност за имунизација.
„Не сакаме да одиме преку ред, кога станува збор за вакцинациите. Како организација со седиште во Велика Британија, Формула 1 нема план за вакцинација“, рече тогаш Доменикали.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА