Сезоната на Формула 1 во 2021 година може да започне со две последователни трки на патеката Сахир во Бахреин, на 28 март и 4 април. Причината за оваа можна промена е големиот скок на бројот на заболени од коронавирус во Португалија, а големо е прашањето дали трките воопшто можат да се одржат на патеката „Портимао“, што беше една од идеите на Ф1 челниците.
Оваа патека дебитираше во Формула 1 минатата сезона, па се врати во Португалија по 1996 година. Од таа причина, Портимао беше кандидат за организација на третиот викенд на Светското првенство, на 2 мај, но како што стојат работите сега, нема да има ништо од тоа.
Во исто време, планот е да се започне сезоната со две последователни трки во Бахреин, од кои втората, најверојатно, повторно ќе ја користи периферната конфигурација на патеката „Сахир“. Доколку се случи ова, тогаш трките во Имола, планирани за 18 април, ќе бидат одложени за една недела и ќе се одржат на 25 април.
Покрај евентуалното одржување на првите две трки во Бахреин, Формула 1 ќе го одработи и целиот предсезонски тренинг во Сахир. Тридневниот тест пред почетокот на сезоната ќе се одржи меѓу 12 и 14 март.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА