Формула 1 во снежни услови – наместо тестови прават снешковци!

Стартот на третиот ден од претсезонските тестови во Формула 1 беше откажан поради снегот и невообичаените зимски услови на патеката „Каталуња“ во Барселона. Каталонџската престолнина ја завеа снег, температурата падна под нулата и во такви услови беше невозможно болидите да излезат на патеката. Освен, можеби смо Кими Раиконен, како што се пошегуваа утрово од тимот на Ферари за поларните услови во Барселона и за нивниот „Ајсмен“.

Чекајќи зимските служби да го исчистат снегот од патеката и од боксовите, тимовите се здружија во зимски активности. Па наместо тестови, возачите во Ф1 во Барселона правеа снешковци!

„Тимови во ф1, соберете се! Кој сака да прави снешко?“ – повика тимот на Мерцедес преку Твитер.

На одговорот не чекаа долго, во зимските активности брзо им се приклучија и другите тимови.

„За пет минути на кровот, може?“ – одговорија од Заубер, а потоа се приклучија и Рено и Хонда.

Набрзо на Ф1 патеката се појави снешко со знаците на Мерцедес наместо копчиња. Од германскиот тим се пофалија со фотографија на социјалните мрежи, а со Ф1 снешкото како негов голем фан се сликаше и Луис Хамилтон.

Откако патеката беше расчистена, возачите сепак успеаја да извозат по неколку круга во невообичаените зимски услови.

На патеката беше многу ладно. Мислам дека никогаш не сум возел болид на вакви ниски температури“ – истакна финскиот возачот во Мерцедес, Валтери Ботас.

Претсезонските тестови во Формула 1 стартуваа на 26 февруари. Првата сезија завршува на 1 март, а вториот дел од подготовките ќе биде од 6 до 9 март. Новата сезона во Ф1 почнува на 25 март со трката за ГН на Австралија во Мелбурн.

 

Се вчитува...